“Не плачи, Папа, те молам, не плачи: ветувам дека ќе ти се јавувам, пред секое невреме ќе ти се јавувам, Папа; ќе ми ја гледаш душата како ми светка во облаците; и како виножито ќе ти се јавувам, како три виножита, не како едно; и како твоите облаци од детството ќе ти се јавувам, во вечна мена и промена, и како ветер ќе ти се јавувам, како пеперуга, пепел од ветер што засекогаш заминал, писмо вечно живо и љубовно ќе ти пишувам со лисја есенски, кога ќе г поземам и ќе дувнам; шшшшшшшшш!; и на трепките ќе ти спијам без да ме сетиш, и не лути се што нема да ме сетиш Папа, оти не ќе сакам да те будам, додека спиеш уморен од твоите книги и ме сонуваш; и како риба ќе ти се јавувам, со полна утроба твои деца, неродени; и како самовилско коњче што во мигот ја сокрило вечноста, животот во еден ден го заробило; и како „ж“ и „ш“ во устите на другите лични девојки ке ти се јавувам, сигурно ќе ме препознаваш, Папа, како жар во огништето; ќе ме гледаш, Папа, како жива жар, кога ќе бидеш стар и седокос, седнат крај огнот во некој манастир, ќе ти се јавувам и како сенка твоја Папа, верувам дека ќе ти се јавувам, само ако ме повикаш и ако уште ме сакаш; и како црно јагне ќе ти блеам, и како румена калинка донесена од југот ќе ти се јавувам, ќе ми се насладуваш Папа, не плачи Папа, ние бевме среќни и сега нека не изгорат, тие ништо друго и незнаат освен да ги горат среќните, оти им завидуваат, и сите учени закони и сите светски судови и сите судиски перики и чекани, сите униформи и чинови, сите брачни договори се смислени само за да им се забрани на двајца да си палат оган по телата и во срцето, да си ги скокоткаат душите во слатки пламења, затоа се смислени сите тие гадости, за да се прогони огнот од нашите животи и да се внесе ред, вода што се командува според саканата форма на посатката, затоа не плачи Папа, ние се сакавме, ние изживеавме се во еден месечев живот, во дваесет и осум круга на земјата околу сонцето; ние сами се запаливме, се претворивме во оган, Папа: па ти ми палеше веќе слатки пламења на слабината, по вратот, по бедрата, во утробата, утробата со бакнеж и врели жигови ми ја отпечати и ми ја запечати, ме топеше како старо златко и ме лееше во камбана, па сум горела до сега стопати со тебе Папа, поврага веќе со”